Партизан повеќе нема да биде сам – Гробари го прекинаа бојкотот!

Бојкотот на Гробари траеше подолго од целата сезона, но на крајот прогласија победа и најавија враќање на својата трибина.

Најжестоките навивачи на Партизан не доаѓаа на стадионот во „Хумска“ уште од минатата сезона, го бодреа тимот само на гостински терен, а причина беше протестот против управата на клубот, на која вчера ѝ заврши мандатот. Двоецот Вучелиќ-Вазура замина во историјата, црно-белите ги презеде работна група на чело со Расим Љајиќ, а набрзо после тоа Гробари официјално соопштија дека бојкотот е завршен. Тие ќе се вратат на јужната трибина веќе од пресметката со Чукарички, закажана за следниот викенд.

„Прв и основен услов за прекин на бојкотот беше оставка на целата лидерска група, вклучително и распуштање на собранието. Сега кога овие барања се исполнети, време е да се вратиме во нашиот дом, на нашата трибина и да отвориме ново, посветло поглавје во клупската историја. Зашто после дождот секогаш доаѓа сонце, а најубаво е над улицата Хумска“, се вели меѓу другото во соопштението на Гробари.

Приврзаниците на црно-белите во претходната година и неколку дена организираа неколку протести против управата на клубот и опстојуваа на ставот дека нема да дојдат на стадионот, дури ни за вечното дерби.