Најдобрите атлетичари во Европа годинава ќе бидат крунисани во Скопје!
Ова е првпат македонската престолнина да биде центар на европската атлетика и домаќин на доделувањето награди, кои се симбол на врвниот успех и престиж во светот на атлетиката, но и првпат таа да се организира во земја од Балканот.
„Организацијата на оваа манифестација претставува големо признание за Македонија и значи голема промоција на македонската атлетика. Спортската дипломатија игра клучна улога во зајакнувањето на меѓународните врски и соработката, не само во спортот, туку и пошироко“, изјави меѓу другото Александра Војнеска-Зикова, претседателката на Атлетската федерација на Македонија (АФМ).
На настанот ќе присуствуваат претставници на 51 федерација од цела Европа, меѓу кои ќе се најдат и многу звучни светски и европски имиња - имиња кои пишуваатисторија во атлетиката, светски рекордери во своите дисциплини. На денешната прес-конференција присуствуваше и министерот за спорт, Борко Ристовски.
„Спортската дипломатија игра клучна улога во зајакнувањето на меѓународните врски и соработката, не само во спортот, туку и пошироко. Оваа Конвенција и присуството на почитуваните гости од светската и од ЕАА ни овозможува долгогодишна соработка и презентирање на нашата земја во овој спорт за што сум особено горд“, рече меѓу другото Ристовски.
Според претстедателот на ЕАА, Добромир Карамаринов, Македонија заслужува поголема и подобра афирмација во светот на атлетиката, што е и една од причините за организација на овој настан токму во Скопје.