Ѓоковиќ во опасност да испадне од топ-10 до крајот на годината

Откажувањето на настапот на Мастерсот во Париз речиси сигурно ќе значи пад на АТП листата за Новак Ѓоковиќ за барем една позиција, но уште полошо звучи можноста, српскиот ас да не заигра до крајот на годината, односно да го пропушти и завршниот турнир во Торино.

Со неиграњето во француската престолнина тој губи 1.000 бода бидејќи таму требаше да го брани трофејот од лани, исто како и во Торино каде би загубил уште 1.300 бода. Во тој случај годината би ја завршил со 3.910 бода што многу веројатно ќе значи излезе од топ-10. Во моментов на десеттата позиција е Алекс де Минор кој има 3.535 бода, а зад него е Стефанос Циципас со 3.235.

Ѓоковиќ неодамна изјави дека повеќе не го интересира првото место на АТП листата бидејќи е рекордер по бројот на поминати недели на врвот со 428 и дека ќе се насочи на настапите на големите турнири. Сепак, ако не игра и во Торино, тоа ќе донесе две лоши работи за него. Прво, последен официјален меч за него до Австралија Опен би било финалето во Шангај каде загуби од Синер, а второ, излезот од топ-10 ќе значи дека уште во осминафиналето во Мелбурн може да се сретне со Синер или Алкараз, а против кои нема добри резултати во последно време.

Единствено добро за него е тоа што во 2024 година не освои многу бодови, па идната сезона ќе има голема шанса значително да го подобри своето конто, па дури и да се бори за самиот врв. Секако, ако за тоа има мотив бидејќи во јуни ќе наполни 38 години, а во Париз веќе ги комплетира сите можни трофеи во кариерата. Во саботата тој рече дека не планира да се пензионира, но прашање е на што е способен во овој период од неговиот живот.