Калин Ивановски по операција и 11-месечно отсуство конечно му се враќа на тенисот!

Најдобриот македонски тенисер, Калин Ивановски, заврши со рехабилитација по јунската операција на колкот, поради која 11 месеци нема одиграни ниту еден натпревар и најави успешно враќање на спортот кој најмногу го сака.

Тој е меѓу пријавените на учесници на фјучерс-турнирот во словачкиот град Трнава, кој се игра за награден фонд од 25.000 долари. За Ивановски ова ќе биде прва официјална пресметка по крајот на ноември минатата година, кога загуби на стартот од турнирот во Јокаичи (Јапонија). Македонецот е еден од пријавените за настап во Трнава со 14. најдобар рејтинг меѓу учесниците, а ќе игра во сала на тврда подлога.

Калин поради долгото отсуство падна многу на АТП-листата и сега е 928. тенисер во светот. Негов најдобар рејтинг досега беше 305. место на кое беше во три наврати во октомври и ноември минатата година.