Шпанците восхитени од Модриќ: Тој е Петар Пан

Лука Модриќ синоќа стана највозрасен играч кој настапил на официјален натпревар за Реал Мадрид со 39 години и 41 ден, надминувајќи го досегашниот рекорд на Ференц Пушкаш кој изнесуваше 39 години и 36 дена.

Јасно е дека овој рекорд дополнително ќе биде подобрен бидејќи хрватскиот ас не планира да замине во пензија и очекува нов договор од „кралскиот клуб“, па нема да биде изненадување и ако заигра со 40 години. Да биде уште поинтересно, тој се уште е меѓу главните во Реал и својата вредност ја покажа на синоќешниот меч против Селта на кој имаше огромна заслуга за триумфот на неговиот тим.

По натпреварот стигнаа комплименти од сите страни, а познатиот шпански новинар Антонио Ромеро од АС му посвети цел текст.

„Лука Модриќ дефинитивно е Петар Пан.Со речиси 40 години и натаму им пркоси на законите кои владеат во модерниот фудбал и им ги затвора устите на критичарите кои години наназад сакаат да го испратат во пензија. Среде напорниот календар и меѓународни натпревари, Модриќ продолжуува да биде капитен на својот тим копга другите попуштаат, уште има сила да се врати свеж и да го врати редот во тимот во кој недостасува креација во средниот ред“, пишува Ромеро.

Модриќ во вторникот ја водеше хрватската репрезентација во дуелот со Полска и на тој меч го забележа 182. настап во националниот тим што е повеќе од половина од вкупнит број натпревари во историјата на „коцкестите“.