Меси растура - втор хет трик за четири дена (ВИДЕО)

Како што се ближи крајот на сезоната во МЛС, така Лионел Меси влегува во фантастична форма.

Ноќеска Интер Мајами го совлада Њу Ингланд со 6-2, аргентинскиот ас влезе во игра во 58. минута и само половина час му беше доволен за да стигне до нов хет-трик, втор во период од четири дена. Во вторникот даде три гола за својата репрезентација во победата против Боливија со 6-0, а сега го направи истото и за Интер Мајами. Всушност, трите гола, Меси ги постигна во период од 11 минути.

Гостите поведоа со 2-0 на овој меч, преку Лангони и Бореро, но до крајот на полувремето се истакна Луис Суарез кој го израмни резултатот. Во 58. минута во игра влезе Меси и веќе во првата акција учествуваше во голот на Кремаски за водство на Интер Мајами, а потоа тој самиот, од 78. до 89. минута уште три пати ја тресеше мрежата на противничкиот тим за својот прв хет-трик во дресот на Интер Мајами.

Иако не играше три месеци поради настапот на Копа Америка и поради повреда, Меси во моментов е втор стрелец во МЛС со 20 гола, и втор асистент со 17 додавања и сето тоа на само 19 одиграни натпревари. Интер Мајами одамна го обезбеди првото место по основниот дел од кој синоќа се одигра последното коло.