Ден за историја: Рафа против Ноле за последен пат

Долгогодишното ривалство на двајца од најдобрите тенисери во историјата, денеска официјално ќе го доживее својот крај.

На егзибицискиот турнир во Ријад, со почеток од 18 часот ќе се сретнат Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ во мечот за третото место. Дуелот нема натпреварувачко значење и нема да се брои меѓу оние официјалните, но љубителите на тенисот ќе имаат можност за последен пат да бидат сведоци на т.н. дуел „Рафоле“.

Нивниот ривалитет трае од 2006 година кога го одиграа првиот меѓусебен дуел, во четвртфиналето од „Ролан Гарос“ и тој меч заврши неславвно бидејќи Ѓоковиќ се предаде по завршувањето на вториот сет (2-0 за Надал) поради повреда. Последниот се одигра на истиот терен, на 29 јули годинава, во второто коло од олимпискиот турнир во Париз и тогаш славеше српскиот ас со 2-0 по што го освои и златниот медал.

За 18 години, Ѓоковиќ и Надал одиграа 60 меѓусебни дуели, поуспешен е српскиот тенисер со 31-29. Надал неодамна соопшти дека идниот месец официјално ќе ја заврши играчката кариера, а со оглед на тоа што Новак има 37 години, не е далеку денот кога и тој ќе го направи истото.