Алборг го скрши Пик Сегед, Барселона го освои Загреб

Вечерва од 18.45 часот беа одиграни уште два натпревари во ракометната Лига на шампиони (ЛШ), а до триумфи стигнаа Барселона против Загреб со 31-29 и Алборг против Пик Сегед со 29-28.

Алборг и Пик Сегед водеа голема битка во првото полувреме, а по стартното водство на гостите, данскиот тим ја презема контролата и на паузата замина со 16-15.

Возбудувањата продолжија и во вторите 30 минути, каде што Пик Сегед постојано бркаше негатива и конечно израмни во завршницата, но во драматичен крај Алборг постигна погодок за триумф од 29-28.

Турин и Јул постигнаа по пет гола за Алборг, додека Бодо со шест погодоци беше најефикасен на спротивната страна.

Барселона ја најави победата уште во првиот дел, кога стигна до водство од 17-9, по што Загреб до полувреме успеа да намали на пет гола негатива (14-19).

Шпанскиот тим успешно го чуваше водството и во вториот дел од мечот, додека Загреб со серија од 4-0 во финишот стигна до 29-30, меѓутоа немаше сила за израмнување, па Барселона во следниот напад ја запечати победата (31-29).

Главаш постигна девет погодоци за хрватскиот тим, додека Мем запиша шест погодоци за Барселона.