Дрим-тимот од Струмица елиминиран уште на стартот од ЦЕВ!

Одбојкарите на Струмица, по убедливиот триумф од 3-0 во првиот меч против Фино Капошвар, беа шокирани во реваншот и елиминирани од првото коло во ЦЕВ-купот.

Струмица лошо го почна натпреварот, а тоа знаеше да го искористи Фино Капошвар со серија од 5-0, по која постојано го одржуваше водството до 25-19.

Домаќинот го загуби ритамот во вториот сет, па Струмица имаше предност во текот на целиот втор сет, меѓутоа се „распадна“ во завршницата кога му дозволи на ривалот да слави со 28-26.

Дрим-тимот на Струмица водеше и во третиот сет, но повторно стигна до 23-22, по што следеше пад во играта и тоа го искористи Фино Капошвар за да слави со 26-24.

Унгарскиот тим беше одличен и во златниот сет, каде што славеше со 15-11 и се пласира во следното коло на ЦЕВ-купот.

Македонскиот одбојкарски тим претходно беше елиминиран од грчки Олимпијакос во квалификациите за Лигата на шампиони.