Реал Мадрид му „врти“ грб на Модриќ – веќе му најде замена од 150 милиони евра!

Шпанските медиуми денеска потенцираат дека се ближи крајот на една ера во Реал Мадрид, со оглед што сите информации укажуваат дека Лука Модриќ наскоро ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“.

Хрватскиот маестро, кој со години е клучен играч во средниот ред на „кралскиот клуб“, веројатно ја игра последната сезона во Мадрид, а доказ за тоа е фактот што „кралевите“ веќе активно работат на пронаоѓање на негова замена. Според весникот „АС“, Флоријан Вирц е врвен приоритет за претседателот Флорентино Перез.

Младиот германски фудбалер за врска од Баер Леверкузен е виден како наследник на Модриќ, поради неговите слични технички и тактички карактеристики. Вирц е под будното око на Реал веќе долго време, уште од дебито во Бундеслигата на 17 години, а неговото име сега е запишано со црвени букви во тетратката на Перез.

Сепак, доведувањето на Вирц во Мадрид нема да биде лесна задача. Баер Леверкузен има важечки договор со него до 2027 година, а генералниот директор на клубот Фернандо Kарo јасно стави до знаење дека отштетата е 150 милиони евра.