Македонија може да го израмни рекордот на Лигата на нации, потребни се победи во последните два меча

На две кола пред крајот на актуелното издание на Лигата на нации, македонската репрезентација го обезбеди првото место и пласманот во повисок ранг, но уште има причини да го даде максимумот во ноември.

Освен што тоа може да донесе привилегии и борба за пласман на Светското првенство, нашиот национален тим може да постави свој рекорд во Лигата на нации, односно да оствари најдобар биланс откако учествува во неа кога станува збор за бројот на освоени бодови и воедно да го израмни рекордот во натпрерварувањето на УЕФА. Досегашниот рекорд на македонската репрезентација е од инаугуралното издание на Лигата на нации, кога на 6 натпревари освои 15 бода што подоцна ни помогна првпат во историјата да се пласираме на Европско првенство.

Следните две учества во Лигата на нации не беа толку успешни, во 2020/21 Македонија освои девет, а во 2022/23 само седум бода што беше доволно за втората, односно третата позиција во групата.

Сега Македонија има 10 бода по четири натпревари, а последните два меча ги игра на домашен терен. Со евентуални победи против Летонија и Фарски Острови во ноември, нашата репрезентација ќе стигне до 16 бода колку што изнесува и рекордот на Лигата на нации, а кој го држат четири репрезентации: Грузија (два пати), Франција, Холандија и Велс.