Македонската младинска репрезентација денеска славеше победа од 2-1 во квалификациите за Европското првенство против Молдавија.

Во натпреварот кој го игравме на домашен терен на тренинг центарот „Петар Милошевски“  не видовме премногу убава игра и шанси на двете страни.

Македонија до водство стигна со голот на Бехар Фета уште во 11. минута од натпреварот и од тој момент скоро и да не видовме посериозна прилика се до завршницата од средбата.

Се играше најмногу во средината на теренот за во завршницата да видиме два погодоци, по еден на двете страни за конечни 2-1. Прво Камбери постигна убав погодок 94. минута, а само минута подоцна Молдавија преку Раилеану ги постави конечните 2-1.

Натпреварот беше без резултатско значење бидејќи двете репрезентации ги загубија шансите за пласман на континенталниот собир. 

На табелата Македонија е четврта со 12 бодови и најмногу можеме да дојдеме до третата позиција, тоа би го направиле со победа против Грузија во последното коло. На врвот убедливо прва е Холандија со 27 бода, Шведска има 17, а Грузија 16. Молдавија со седум и Гибралтар со три се на двете последни позиции.

Натпреварот против Грузија го играме на гостински терен на 15 октомври.