МЗТ прокоцка плус 16 во Загреб и по продолжение првпат загуби во АБА2 (ФОТО)
Аеродромци долго ќе жалат за пропуштената шанса за нова победа, со оглед на одличната игра во првата половина од средбата, која им донесе огромни плус 16 (52-36) на стартот од третата четвртина. Но, сино-белите тогаш како да престанаа да играат, па до крајот на регуларниот дел од мечот постигнаа уште само скромни 16 поени. Домаќинот тоа го искористи, со неколку серии дури и поведе со 68-67, за Дион Едвин да реализира само еден од двете слободни фрлања во последната минута, а потоа и да промаши зицер за победа.
Хрватскиот состав со две тројки го почна екстра периодот, по што македонскиот шампион врати со седум поени во низа. „Металците“ имаа напад за да го решат победникот, но не го искористија, за што беа казнети од Буљан, кој го постигна победничкиот кош со офанзивен скок на две секунди до крајот. Марко Баковиќ имаше можност да донесе ново продолжение, но го промаши последниот шут. Едвин со 26 поени и шест скока беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека двоцифрен ефект имаше уште и Брендон Слај со 17 поени.
Работнички завчера убедливо загуби на гостувањето кај Војводина (62-93), додека Пелистер следниот вторник ќе ѝ гостува на Подгорица исто така во втората рунда од АБА2.