Ристовски: Пандев, Лазаров и Иџе повеќе нема да рекламираат кладилници и казина!

Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска одржа прес-конференција на која презентира што се е направено во првите сто дена од работата на новата влада, по што одговааше на новинарски прашања меѓу кои беше и за неговото мислење дека спортските легенди не треба да рекламираат обложувачници, казина и брзи кредити.

Тој ексклузивно објави дека веќе е направен разговор со најголем дел од тие поради кои ја даде споменатата изјава и дека тие прифатиле повеќе да не промовираат работи кои не се во интересот на развивање на спортската свест во државата.

„Да појаснам дека ние немаме против против ниту една компанија да инвестира во спортот без разлика на нивната дејност, но не сакаме легендите да се истакнуваат во рекламите за обложувалници, казина или за брзи кредити. Нашата забелешка беше во таа насока. Веќе имавме разговори со сите спортисти кои рекламираа вакви фирми и направивме џентлменски договор со нив. Можам да потврдам дека Горан Пандев повеќе нема да ја рекламира обложувалницата што ја рекламираше, истото важи и за Игор Стефановски-Иџе и за Кирил Лазаров, кој веќе некое време престана да го прави тоа. Се надевам дека сите овие личности ќе ги видите од другата страна како промотори на вистинските вредости“, изјави Ристовски.