ТФТ дури на крајот го скрши отпорот на ослабениот тим на Докузовски (ФОТО)
Клучна за триумфот на поранешниот куп-победник беше серијата 12-1 на стартот од последниот дел со која домаќинот дојде до водство со девет поени разлика (70-61), кое потоа умешно го одржа до крајот. Гостите на чија клупа седи веќе легендарниот Марин Докузовски покажаа дека нема да бидат лесен плеј за фаворитите, имаа и плус седум во првиот период (12-5), но снемаа сили на крајот што најмногу се должи на „тенката“ клупа.
Американецот Дарин Говенс со 23 поени и седум асистенции беше најпрецизен кај ТФТ, а веднаш зад него беше репрезентативецот Адем Мекиќ со 17 поени и шест скока. Србинот Тадија Тадиќ со 25 поени беше најефикасен кај кумановци, кај кои не настапија Урош Луковиќ и Радукиќ поради доцнење со регистрацијата.
Во воведното коло од Првата лига денеска играат уште Шкупи и МЗТ Скопје (16 часот) односно Работнички и Феникс (19 часот), додека утре силите ќе ги одмерат Вардар со Гостивар, Тиквеш со Пелистер и Чаир 2030 со Кожув.