Елмас пред Јуве: Знам колку се опасни - тешко се игра против италијански тимови!
Елмас во периодот поминат во Наполи добро го запозна Јувентус, но и целокупниот италијански фудбал, па тој е вистинскиот човек кој на Германците може да им ги пренесе карактеристиките за нивниот следен противник.
„Секогаш е тешко да се игра против италијански тимови, особено против Јувентус, тоа е еден од најголемите клубови во Италија. Одиграв многу натпревари против нив и знам колку опасни можат да бидат“, вели Елмас во интервјуто за официјалниот сајт на Лајпциг.
„Се бранат многу добро, можете тоа да го видите од сегашната статистика. Но, исто така се многу флексибилни и опасни во нападот, севкупно се добри. Оптимистички гледам кон натпреварот, дефинитивно ќе биде возбудливо, особено што се игра тука во Лајпциг пред нашите фанови“.
Македонскиот фудбалер направи споредба меѓу Бундеслигата и Серија А.
„Најголемиот дел од тимовите во Бундеслигата играат многу директен, физички фудбал со многу трчање и офанзивен приод. Во Италија повеќе се внимава на посед, тактика и подефанзивен пристап. Двете лиги се многу силни, тие се меѓу најдобрите пет во Европа“.
Елмас не играл против Јуве предводен од Мота, но играл против овој тренер кога тој бил стратег на други тимови во Серија А.
„Секако дека Тијаго Мота направи многу добра работа со Болоња, ги однесе во Лигата на шампионите. Можам да замислам дека очекувањата од него се големи, под водство на Алегри Јувентус играше подефанзивно. Но, вистина е и дека Јувентус под водство на Мота уште нема промено гол по пет меча во Серија А, па ние ќе треба да работиме многу напорно за да најдеме простор“.
Елмас направи споредба и меѓу неговиот соиграч Бенџамин Шешко и Душан Влаховиќ.
„Тие имаат некои слични карактеристики, но се различни фудбалери. Мислам дека Бенџамин Шешко е потехнички надарен, а Душан Влаховиќ внесува многу физички аспект во играта. Двајцата се одлични напаѓачи, ниту една дефанзива не сака да игра против нив. Бенџамин Шешко е помлад, па возбуден сум да гледам како се развива“.