„Пелистер нема да биде во подредена улога против ниту еден ривал во АБА2!“

Екипата на Пелистер денеска ќе го одигра првиот меч во Битола во АБА2-лигата, без разлика што за нов ова е веќе четврта сезона во ова регионално натпреварување, во кое досега настапуваа само во турнирски систем без можност да имаат поддршка од своите верни навивачи од трибините.

Македонскиот вицешампион за противник ќе го има босанскиот претставник Широки (18 часот), за чиј квалитет се свесни во битолскиот табор.

“Имаме квалитетна екипа, имаме одлична атмосфера и верувам дека уште повеќе ќе напредуваме како што ќе минува времето. Секое натпреварување е значајно, Пелистер четврта сезона е во АБА2, но форматот е нов и поразличен од минатото. Прва цел ни е да ја минеме првата фаза, а потоа и да се бориме за што подобар пласман. Ќе играме убава кошарка за око како што беше случај и на овие подготовки. Во АБА2 секако имаме поголема конкуренција, но она што можам да го ветам дека нема да бидеме во подредена улога против ниту еден ривал. Подготвени сме за да одиме на победа на секој натпревар. Широки е искусна екипа, но пред нашите гледачи имаме свои шанси за победа”, вели тренерот Александар Петровиќ.

Пелистер сезоната ја почна со пораз од МЗТ Скопје во македонскиот Суперкупо, во меч во кој одиграа одлично прво полувреме, но и многу полош втор период во кој противникот направи голема разлика.