Прво мега-дерби во сезоната: Вардар го пречекува Пелистер

Четвртото коло од ракометната Суперлига на Македонија го носи и првото мега-дерби меѓу вечните ривали Вардар и Пелистер.

Домаќин е поранешниот европски шампион кој во дуелот влегува од четвртата позиција на табелата, како последица на поразот од Алкалоид во првото коло. Пелистер, пак, е со максимален ефект по првите три натпревари и заедно со Алкалоид и Охрид е на делба на првото место.

Сепак, дуелот за битолчани доаѓа во многу незгоден момент бидејќи пред само два дена гостуваа во Букурешт кај Динамо, во рамките на Лигата на шампионите. Таму го доживеаја третиот пораз во сезоната, па сега се под императив барем во домашното првенство да продолжат со победите. Тоа ќе биде многу тешко бидејќи Пелистер е во низа од три порази во дуелите со Вардар, а во последната деценија има само еден триумф против „црвено-црните“ во Скопје, остварен во март 2022, со еден гол разлика.

И Вардар е под императив бидејќи по поразот од Алкалоид ништо друго, освен победа, не доаѓа предвид бидејќи во спротивно ќе го загуби чекорот со водечките. Во случај на пораз, разликата со ривалите би била веќе шест бода со што првото место најверојатно ќе остане недостижно.

Вардар и Пелистер се сретнаа летово, на турнирот во Струга и таму, во финалето, славеа битолчани со 29-26. Нивното прво суперлигашко дерби во сезоната се игра од 17:45 часот во „Јане Сандански“, а се очекува полно гледалиште бидејќи е најавено гостување на навивачката група Чкембари од Битола.