На ред е Пелистер да се обиде да стави крај на доминацијата на МЗТ во Суперкупот

Со пет триумфи во низа и вкупно шест на 11. досегашни изданија, МЗТ Скопје вечерва тргнува во поход по уште еден пехар за потврда на доминацијата во Суперкупот на Македонија кој го носи името „Драган Василов Цевка“

Како предизвикувачи последната деценија се изредија многу екипи: Работнички, Карпош Соколи, ТФТ и Феникс, но ниедна не успеа да му го одземе пехарот во омиленото натпреварување на МЗТ Скопје. Најблиску беше Работнички во 2021 година кога загуби со еден поен (78-79), а имаше шут за победа во последните секунди.

Сега серијата на аеродромци ќе се обиде да ја прекине Пелистер кој последните три години само поради МЗТ Скопје остана без пехар во своите витрини. Од денешниот противник загуби три пати во финалето од плејофот и еднаш во финалето од Купот на Македонија, па ова ќе биде петта шанса од 2022 година, битолскиот прволигаш, конечно да се закити со трофеј што би бил прв во неговата историја.

Пелистер направи драстични измени во својот состав во однос на минатата сезона и ги задржа само Костоски, Најдовски и Лука Стојановски. Променети се сите четворица странци, а дојдоа уште неколку актуелни и поранешни репрезентативци на Македонија. МЗТ Скопје не направи толкав рез, донесе тројца нови странци, но и две засилувања токму од Пелистер: Андреј Магдевски и Андреј Маслинко. Аеродромци повторно се големи фаворити не само на вечерашниот натпревар, туку и воопшто претстојната сезона и се освен нивна тројна круна ќе биде големо изненадување.

Натпреварот од Суперкупот во машка конкуренција се игра во Кале од 19:30 часот, а од 17 часот, на програмата е мечот кај дамите во кој за пехарот ќе се борат Баскет Кам и МЗТ Скопје.