Повторно судиска драма на меч на Вардар во Првата лига, откако вечерва екипата на Силекс во самата завршница го победи Вардар со гол на Марко Додев во судиското продолжение. 

Во натпревар во кој не видовме премногу шанси за гол, Силекс до победата дојде со гол по една грешка во вардаровата одбрана во последните моменти од натпреварот, што предизвика бурни реакции, само поради првичната одлука на помошникот судија, кој прво го крена знаменцето сигнализирајќи офсајд, а потоа се премисли. 

Главниот судија Пилешков прво ја прифати одлуката на својот асистент, но подоцна по дополнителните консултации со истиот, реши да го признае погодокот. 

Во вечерашниот натпревар видовме досадна игра, со борба на средината на теренот, а во првото полувреме скоро и да не видовме посериозна прилика. Марко Ѓорѓиевски во вториот дел ја имаше најдобрата прилика, но направи потег повеќе и шансата за кратовчани пропадна.

Имаше и Вардар свои шанси, но ниту една од нив не беше 100%, па така и не видовме гол или посериозна шанса за црвено-црните. 

Во следното коло Вардар го чека дербито со Шкендија на гостински терен, додека Силекс исто така игра на гости против Тиквеш.