Недановски самоуверено: Сѐ освен титула ќе биде неуспех за овој Вардар!

Ракометарите на Вардар за три дена ќе го пречекаат најголемиот ривал Пелистер, во првото вечно дерби во новата сезона, што беше причина за средба со новинарите на која тренерот Владо Недановски изнесе самоуверено тврдење.

Тој се осврна на периодот од кога е седнат на клупата на црвено-црните и најави атак на тронот.

„ Сè освен титула ќе биде неуспех за овој Вардар. Ова е храбра изјава, која ќе носи и одговорност, но сакам да биде запаметено. Располагаме со добри играчи, покриени сме на сите позиции и се надевам дека оваа година тоа ќе го оствариме без разлика на поразот во првото коло од Алкалоид. Веќе трета година сум на клупата. Првата година се соочивме со исфрлање од Европа и потоа следеа проблеми со играчкиот кадар. Наследив екипа со седум-осум искусни и неколку млади ракометари. И покрај ова го освоивме Купот, игравме добар ракомет, ги добивме сите дерби натпревари дома и за мене беше успешна сезона. Втората градевме тим од млади ракометари, напредувавме и имавме одличен почеток на сезоната. Повторно го победивме Пелистер дома, игравме добро, но следеа неколку повреди и на крајот останавме со празни раце. Летово сум задоволен од сите кои дојдоа, направивме квалитетен тим со добри ракометари на сите позиции“, самоуверено изјави тренерот на вардарци.

Недановски се осврна на саботниот натпревар против лутиот ривал од Битола.

„Дуелите со Пелистер секогаш се интересни, па се надевам на голем број навивачи на трибините. Имаме неколку дена да се подготвиме и да анализираме. Состојбата во клубот не е сјајна, имаме повредени ракометари, па иако се работи за ситни повреди се уште е непознато дали ќе играат в сабота. Притисок во ваков натпревар секогаш има. Како што кажавме, загубивме две дерби пресметки, одговорноста би ја презел јас при неуспех в сабота“, дополни Недановски.

Пресметката меѓу Вардар и Пелистер се игра в сабота со почеток од 17.45 часот во салата „Јане Сандански“.