Антиќ по „само“ 18 месеци го исполни ветувањето – Првата лига доби спонзор!

Македонската кошаркарска елита по повеќе од една деценија ќе добие нов генерален спонзор и тоа „само“ 18 месеци откако претседателот на КФМ, Перо Антиќ, го најави ваквото сценарио.

Тој при добивањето на вториот мандат лани во март најави дека „Првата лига во машка конкуренција конечно ќе има спонзор, со што клубовите ќе бидат ослободени од доста трошоци, а што ќе биде официјализирано за три-четири дена“. Тие неколку дена станаа точно 547 дена колку што минаа од даденото ветување до конечната реализација. Нов спонзор на прволигашката конкуренција ќе биде компанија МТЕЛ.

 

„Почестени што станавме генерален спонзор на најдоброто натпреварување во македонската кошарка кое отсега ќе се именува како МТЕЛ Прва машка лига. Длабоко сме посветени да соработуваме со спортските федерации и клубови за да ги поттикнуваме заедничките вредности и да промовираме активна, здрава заедница која ги инспирира младите луѓе“, изјави меѓу другото генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ.

Телекомуникациската фирма што е дел од групацијата Телеком Србија дополнително ќе инвестира во македонската кошарка и тоа како генерален спонзор на МЗТ Скопје и на Работнички. КФМ, пак, дополнително треба да објави колку средства ќе „легнат“ врз основа на ова спонзорство и колку тие ќе ги намалат обврските на клубовите за котизација, односно дали ќе има опција дури и за поделба на добиените пари што секако би им ја олеснило работата во претстојната сезона.