Кошаркарите на МЗТ Скопје лесно и убедливо го совладаа црногорскиот тим Теодо (68-50) во воведниот меч од новата сезона во АБА2, во која македонскиот шампион влегува со огромна решителност да се избори за враќање во јадранската елита.

Сино-белите не одиграа блескаво, особено во нападот, но и покрај тоа немаа никакви проблеми со гостинот од Тиват, покажувајќи дека со право ги сметаат за еден од фаворитите за највисок пласман во ова регионално натпреварување. Неизвесност во натпреварот имаше само во првите неколку напади, по што домашните со шест поени во низа дојдоа до 10-5, а набрзо потоа и до првото двоцифрено водство на средбата (17-7). Тоа беше показател во кој правец ќе оди оваа средба, со оглед што тимот од „Јане Сандански“ во ниту еден момент не дојде во ситуација да се грижи околу крајниот исход.

Одбраната беше на посакуваното ниво, но не и нападот, што е единствената причина поради која гостите од Црна Гора не си заминаа со поголема негатива. Двата тима беа очајни во шутот за три поени (3/17 – 2/24) додека во сите останати елементи тимот од Скопје беше далеку подобар. Отпорот на Теодо дефинитивно беше скршен во последната четвртина, кога избраниците на тренерот Васко Атанасов со 11 поени во низа дојдоа до највисоките дотогаш плус 19 (58-39). Војдан Стојановски со 13 поени и шест скока беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, додека зад него беше Марко Баковиќ со 12 поени и осум скока.

Екипата на Работнички својот меч од првата рунда ќе го одигра задутре (четврток) на домашен терен против Сутјеска (18 часот), додека Пелистер ќе ги одмери силите против Широки и тоа за една недела (1 октомври) пред своите гледачи.