Секој гол за Звезда во дербито значел и повеќе пари за фудбалерите

Црвена Звезда вчера го победи Партизан со убедливи 0-4 на гостински терен, а тоа е најубедливата победа на црвено-белите како гости во пресметките со најголемиот ривал.

Но, по натпреварот во кој видовме и инциденти поради незадоволството кај навивачите на Партизан, генералниот директор на Звезда, Звездан Терзиќ откри дека ги мотивирал фудбалерите дополнително да го победат противникот што е можно поубедливо.

Имено, тој им ветил премија, не само за победата, туку и за секој гол посебно.

„Голема победа, најубедливата во 80-годишната историјата на вечните дербија на Партизан. Ова е резултат кој го чекавме и реално ја отсликува разликата во класа во секој смисла. Им честитам на момците и сите во стручниот штаб. Пред натпреварот на средбата им кажав на фудбалерите дека ќе имаат премија за секој гол разлика посебно. Сакав да победиме убедливо, бидејќи знаев дека можеме и тоа ни припаѓа“, изјави Терзиќ.