Барселона може да донесе замена за Тер Штеген, во комбинација е поранешен голман на Реал

Тешката повреда што вчера ја доживеа Марк Андре Тер Штеген ѝ овозможува на Барселона да донесе замена на голманската позиција, со оглед на тоа што паузата за Германецот изнесува повеќе од шест месеци.

Во комбинација се само голмани кои се без договор, односно слободни во овој момент бидејќи Барса не смее да купува фудбалери поради лошата финансиска состојба. На пазарот нема многу такви, а квалитетни, но затоа постои едно интересно име, со завидна кариера во некои од најдобрите европски клубови.

Станува збор за костариканскиот голман Кејлор Навас кој е слободен играч откако во мај годинава му заврши договорот со ПСЖ, а потоа ја одби понудата од саудискиот прволигаш Ал Хилал. Најинтересно кај него е тоа што пет години од својата кариера (од 2014 до 2019) помина во лутиот ривал на Барселона, Реал Мадрид со кого освои една титула во шпанското првенство и три (по ред) во Лигата на шампионите.

Иако беше проектиран како втор голман, тој успеа да се избори за место во стартната постава и за пет сезони забележа 162 настапа во сите натпреварувања. Имаше огромен придонес во освојувањето на трите трофеи во Лигата на шампионите, а дури во последната сезона беше истиснат од почетниот тим бидејќи тогаш дојде Тибо Куртоа. Навас потоа се пресели во ПСЖ каде првите две сезони беше неприкосновен на голот за парискиот клуб потоа да го донесе Донарума. Минатата сезона Костариканецот ја помина на позајмица во Нотингем Форест, а медиумите од Шпанија тврдат дека Барселона сериозно ја разгледува можноста да го донесе во своите редови.