МЗТ е решен сезонава да се врати во АБА, ама и да ги одбрани трите домашни трофеи!

Екипата на МЗТ Скопје прва ќе ја почне новата сезона и тоа со утрешниот меч на домашен терен против Теодо (18 часот) на стартот од АБА2-лигата, поради што аеродромци на прес-конференција ги искажаа своите очекувања и амбиции кои се – екстремно високи.

„Металците“ најавија давање приоритет на враќањето во елитната јадранска конкуренција, за што ќе им треба да бидат најдобри во второлигашката конкуренција. Истовремено, потенцираа дека се решени да сторат се да ги одбранат трите трофеи на домашна сцена, почнувајќи од Суперкупот кој ќе го одиграат в сабота против Пелистер.

„Зад нас е мирно лето, во кое си ги исполнивме сите желби околу играчкиот кадар. Амбициите на клубот се исти како и секоја година, со тоа што оваа сезона ќе дадеме поголем фокус на враќањето во АБА лигата. На домашна есцена, пак, сме главен претендент за освојување на сите трофеи. Како клуб доволен мотив и показател дека сме во правилна насока ни е продолжувањето на соработката со сите наши помагатели од претходната година“, изјави извршниот директор на шампионот, Филип Ѓоревски.

Слични беа размислувањата и на тренерот Васко Атанасов.

„Зад нас е еден добар преоден рок во кој го задржавме костурот на тимот и додадовме добри кошаркари кои ќе ни бидат од голема помош. Како тренер ми беа исполнети сите мои барања за играчкиот кадар. Нашата цел е да ги одбраниме трите трофеи во макбаскетот, но и да го нападнеме четвртиот и да се вратиме во АБА со што верувам би ги задоволиле сите наши навивачи“, изјави Атанасов.

Капитен на екипата и оваа сезона ќе биде Дамјан Стојановски, кој повеќе од една деценија го носи сино-белиот дрес на МЗТ.

„Сакам да изразам благодарност што и оваа сезона ќе ја почнам како капитен на МЗТ Скопје. Имавме добар подготвителен период, одигравме доволен број на натпревари и подготвени го дочекуваме стартот на обврските во АБА2. Мислам дека оваа екипа има квалитет за влез во јадранската елита, но мораме да одиме чекор по чекор и со помош на нашите навивачи да го вратиме МЗТ каде што му е местото“, изјави Стојановски.

Аеродромци летово ги задржаа браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Андоноски, Марин Петков, Марко Миловановиќ и Марко Баковиќ, додека ги ангажираа и Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Милош Копривица, Брандон Слај и Дион Едвин.