Српската полиција спречила „десант“ на Торцида - одземени знамиња и налепници!

За можното доаѓање на Торцида на денешниот меч помеѓу Црвена звезда и Бенфика во Белград се зборува со денови наназад, поради што српската полиција засилено ги проверуваше сите гранични премини со цел да спречи инфилтрација на хрватски хулигани, кои се збратимени со навивачи на португалскиот тим.

Најавите беа дека на „Маракана“ нема да се дозволи влез со обележја на навивачката група на Хајдук, што сега делува реална опција со оглед што на фановите на составот од Лисабон при влезот во Србија им биле одземени голем број знамиња, налепници и други реквизити со знакот на Торцида.

„При гранична контрола на лица и возила, како на граничните премини, така и на аеродромот Никола Тесла, на неколку навивачи на Бенфика се пронајдени знамиња со симболите на Хајдук и навивачката група Торцида“, изјави министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.

Српските полицајци, сепак, сѐ уште не знаат дали нивните граници ги поминале хулигани од Сплит, поради што се во страв дека би можело да дојде до инцидент на вечерашниот дуел од Лигата на шампионите.