Легенда на Реал Мадрид се закани: Не можеме веќе да издржиме – ќе штрајкуваме!

Легендата на Реал Мадрид и на шпанската репрезентација, Дани Карвахал, кој беше клучен фудбалер за освојување на европските титули на клубот и на репрезентацијата, откри дека фудбалерите планираат радикален протест поради зголемениот број на натпревари.

Оваа тема стана актуелна со почетокот на сезоната, со стартот на новиот систем во Лигата на шампионите кој дополнително го оптоварува ионака пренатрупаниот календар.

„Размислуваме да штрајкуваме поради големиот број натпревари во текот на сезоната. Нас никој ништо не нѐ прашува, воопшто не ни обрнуваат внимание и затоа мораме да го кренеме гласот “ изјави Карвахал.

Фудбалерите од врвните клубови и репрезентации се револтирани што веќе пренатрупаниот распоред на натпревари е уште понатрупан почнувајќи од оваа сезона. Реал Мадрид на Карвахал минатата сезона одигра 55 натпревари, а поради новиот формат на клупското СП, тој би можел да одигра над 70 оваа сезона. Ако на тоа се додаде дека во периодот помеѓу двете лета репрезентативците како Карвахал одиграа дури 18 натпревари, јасно е зошто шпанскиот ас е последен од ѕвездите кои ја изразија својата огорченост на премногу натпревари.