Чудо на врвот на Серија А: Удинезе со пресврт ја победи Парма и застана на чело (ВИДЕО)

Екипата на Удинезе е најпријатно изненадување по првите четири кола од Серија А на чие чело се наоѓа од денеска.

Вечерва, тимот од Фриули на спектакуларен начин дојде до триумфот кај Парма со 3-2 и со 10 освоени бода изби на првото место на табелата. Пред почетокот на сезоната, на Удинезе му предвидуваа борба за опстанок, но стартот на првенството е над сите очекувања и на најзагреаните навивачи.

Парма вечерва водеше со 2-0 по првото полувреме со головите на Дел Прато и Бони, но во вториот дел дојде пресвртот. Лука намали во 49., Тован израмни во 69., а потоа истиот играч го донесе Удинезе и до водство од 3-2. Парма претходно остана со фудбалер помалку, по исклучувањето на Кеита што само му ја олесни работата на гостинскиот тим.

Во досегашните четири кола, Удинезе ремизираше со Болоња, но потоа ги победи Лацио, Комо и Парма, па сега има бод повеќе од Наполи и два од шампионот Интер.