Миовски ќе има ептен полесна задача да му даде гол на ПСЖ – ако го пуштат да игра!

Голманот на ПСЖ, Џанлуиџи Донарума, поради повреда на мускулот ќе го пропушти првиот натпревар од Лигата на шампионите оваа сезона против Жирона, закажан за в среда во Париз.

Тој го повредил десниот бутен мускул на завчерашниот првенствен натпревар против Брест (3-1). Од таборот на францускиот шампион изјавија дека италијанскиот голман најмалку една недела ќе биде надвор од терените.

Во негово отсуство, шанса би можел да добие 25-годишниот руски голман Матвеи Сафонов, што пак ќе биде олеснителна околност за нашиот Бојан Миовски, ако добие шанса да заигра на дебито на шпанскиот тим во најсилното фудбалско клупско натпреварување. Тој остана на клупата на последните два меча на Жирона.