Бразилски второлигаш на помош на Тиквеш - му испрати четворица фудбалери

Освојувачот на Купот на Македонија, Тиквеш летово ќе дебитира на европска сцена, преку настапот во Конференциската лига, а раководството на клубот со полна пареа работи на создавање на тимот кој би сакал што подолго да се задржи во натпреварувањето на УЕФА.

На помош на кавадарчани им притрча бразилскиот второлигаш Амазонас кој на позајмица испрати уште тројца фудбалери. Уште минатата сезона, играч на Тиквеш беше Робертињо кој останува позајмен и претстојната година, а ќе му се придружат играчот од средниот ред Џорџ Питбул и напаѓачите Лео Гуера и Витао. Гуера вчера беше претставен како нов играч, но сите веќе тренираат со екипата.

„Идејата е да се засили партнерството што го имаме со Тиквеш, а брендот Амазонас да стане препознатлив низ светот. Го зголемивме бројот на позајмени фудбалери во Тиквеш со цел екипата да биде уште покомпетитивна претстојната сезона и да игра важна улога во Конференциската лига“, изјави претседателот на Амазонас, Весли Коуто.

Во вториот дел од минатата сезона во Тиквеш играше и напаѓачот Луан Сантос кој, исто така, е член на Амазонас, но тој во меѓувреме се врати назад и повторно ќе го облече дресот на матичниот клуб. Кавадаречкиот тим го очекува деби во Конференциската лига против Бреидаблик од Исланд, двомеч кој се игра на 11 и 18 јули.