Го однесе Бостон до титулата, па ќе го потпише најголемиот договор во историјата

Во следните две недели, Џејсон Тејтум би требало да стане најплатениот играч во историјата на кошарката.

Вчера тој ја освои својата прва шампионска титула, во шестата сезона во НБА, а наградата за тоа ќе стигне наскоро. Тејтум ги исполнува сите услови за потпишување мега-макс договор и тој ќе изнесува вкупно 315 милиони долари за пет години или просечно по 63 милиони по сезона. Со тоа, ќе го престигне актуелниот рекордер, соиграчот Џејлен Браун кој лани стави потпис на договорот вреден 304 милиони, исто така за пет сезони.

Договорот што ќе го потпише Тејтум ќе важи од 2025 година бидејќи од актуелниот има уште две сезони за кои треба да заработи вкупно 71 милион долари. Догодина има опција да го прекине и да го потпише новиот кој ќе му донесе значително повеќе пари.