Струга или Шкупи - кој ќе презими на првото место?

Со преостанатите пет натпревари од 18. коло, денеска официјално завршува „есенскиот“ дел од Првата македонска фудбалска лига.

Главното прашање е кој ќе ја финишира годината на челната позиција за што конкурираат Струга и Шкупи. Шампионот има предност од еден бод и во моментов е лидер иако во најголемиот дел од полусезоната им гледаше во грбот на Шкупи или Шлендија. Во последните три кола, Струга „врза“ три победи од кои две на гости и го помина Шкупи кој ремизираше на гостувањето кај Гостивар.

Во последното коло, Струга ја пречекува Брегалница која по серијата очајни резултати се најде на десеттата позиција на табелата. Штипскиот тим е без победа осум кола, а последниот триумф го оствари на 7 октомври кога на домашен терен беше подобар од Работнички со 2-1. Шкупи, пак, денеска гостува кај АП Брера, уште една екипа која има пад во формата и во последните десет кола има само една победа.

Шанса да фати приклучок во борбата за опстанок има и Вардар кој го пречекува Тиквеш и со победа би можел да се израмни со Брегалница (ако штипјани загубат од Струга) и да се доближи на само еден бод од Македонија ЃП. Денешните натпревари почнуваат од 13 часот.

ДВОЈКИ
АП Брера - Шкупи
Шкендија - Силекс
Струга - Брегалница
Вардар - Тиквеш
Воска - Работнички