Поранешен голман на Словенија уапсен поради шверц на имигранти!

Поранешниот голман на словенечката репрезентација, Дејам Немец, уапсен бил поради шверцување илегални имигранти од Кина, во близина на Славонски Брод.

Имигрантите претходно влегле од БиХ во Хрватска со чамци, по Сава, а Немец бил еден од оние кои ги спроведувале понааму.

„Во близина на автопатот А3, контролирани се два цивилни автомобили со словнечки регистерски таблички. Едниот од нив го управивал 70-годишен државјанин на БиХ, а вториот 46-годишен државјанин на Република Словенија. Во внатрешноста на едниот автомобил полицајците забележале пет лица, а во другиот пет“, пишувало во официјалниот полициски извештај.

Немец бил потоа уапсен, заедно со четирите лица кои ги пренесувал. Во близина на тоа место, фатени биле и двајца Хрвати, на возраст од 27 и 35 години и еден државјанин на Србија на 36 години, кои исто така биле поврзани со оваа „операција“.

Немец беше член на словенечката репрезентација на ЕП 2000 и на СП 2002, иако како трет голман, без ниеден настап. Во кариерата бранеше во Клуб Бриж, од 2000 до 2003 година, а по пет години мина во Мура и во Домжале.