Меси го терале да излезе од задна врата, тој одбил: Сакам да ги поздравам луѓето!

Еуфоријата во Аргентина после декемвриската светска титула по 36 години пауза сѐ уште ги држи Аргентинците во екстаза, па Лионел Меси со целата таа еуфорија се соочи вчера кога едвај го напушти ресторанот во кој беше со семејството.

Меси нема мир во Аргентина, што е и очекувано, па преку 5.000 луѓе веднаш се собрале пред ресторанот за да го видат својот идол. И на Меси, газдите му советувале дека може со обезбедувањето да го изнесат од задна врата, ама најголемата аргентинска ѕвезда ги одбил и покажал неверојатен респект кон сите што дошле да го поздрават.

„Вчера кога бевме во ресторанот, на Лео му понудија да 'избега' од задната врата. Арно ама, Меси веднаш ги одби! 'Нема шанси да излегувам од задна врата. Ако ништо друго, сакам да излезам и на сите овие луѓе да им кажам едно здраво', им рече Меси“, откри аргентинскиот актер Адријан Суар.

За многумина најголемиот фудбалер на сите времиња едвај го изнесоа од ресторанот со полиција која дополнително беше повикана и обезбедувањето на локалот.

Аргентина во петок против Панама го игра првиот меч како светски првак и тотална лудница е во Буенос Аирес, зашто преку еден ипол милион барања имало за влезници за мечот на „Монументал“, а неверојатни 131.500 барања за акредитации за медиумите.