
На денешен ден пред 35 години на „Максимир“ почна војната во бивша Југославија (ВИДЕО)
Насилствата на трибините и судирот меѓу навивачите и полицијата го претворија мечот во симбол на почетокот на распадот на југословенската федерација, а американски „Си-Ен-Ен“ ја вклучи оваа случка меѓу петте спортски настани што го промениле светот. Иако федерацијата сѐ уште постоеше, а клубовите продолжија да се натпреваруваат во Првата лига на СФРЈ, токму конфликтот на стадионот „Максимир“ стана клучен маркер на ескалацијата на национализмот, политичката нестабилност и блискиот почеток на војната.
Само еден месец пред инцидентот, на првите демократски избори во Хрватска победи ХДЗ на Фрањо Туѓман, што доведе до зголемена политичка тензија. Истовремено, Црвена звезда беше блиску до освојување на шампионската титула, додека навивачките групи – „Делии“ и „Бед Блу Бојс“ – веќе беа длабоко вплеткани во националистички реторики и конфликти. На денот на мечот, неколку илјади навивачи на Црвена звезда пристигнаа од Србија, БиХ и Хрватска, делумно избегнувајќи полициска контрола. Се пееја навредливи и националистички песни, се кршеа автомобили и веќе од раните попладневни часови се создаваше атмосфера на насилство.
Пред натпреварот да започне, дојде до жестоки судири меѓу навивачите и полицијата. Најпрво започнаа немири на јужната трибина, каде беа сместени гостинските навивачи. Истовремено и од северната трибина, каде беа „Бед Блу Бојс“, започнаа да летаат камења кон полицијата, која беше недоволно бројна и слабо опремена. Играчите кои се загреваа беа повлечени во соблекувалните. Во хаосот, играчот на Динамо, Звонимир Бобан, удри полицаец во обид да го одбрани навивач. Тој чин го прослави како симбол на отпор, особено во хрватската јавност.
„Тоа не беше против Србите. Тоа беше борба за слобода против режимот“, подоцна изјави Бобан.
Наместо фудбал, тој ден заврши со судири во центарот на Загреб, уништени трамваи и витрини, како и масовни апсења. Меѓу делегацијата на Црвена звезда беше и Жељко Ражнатовиќ-Аркан, кој подоцна ќе формира паравоена формација. „Си-Ен-Ен“ во текст од 2011 година посочи дека токму овој настан го означи почетокот на најбруталниот европски конфликт по Втората светска војна.
И покрај тоа што не се одигра, овој натпревар остана запаметен како симбол на распадот на Југославија. Меѓу играчите кои требаше да се појават на теренот беа идни европски шампиони и ѕвезди на светскиот фудбал. На стадионот „Максимир“ и денес стои спомен-плоча за навивачите на Динамо, кои го сметаат 13 мај 1990 за денот кога за нив започнала војната.