
Ливерпул ќе потроши 35 милиони евра за наследникот на Александер-Арнолд!
Според познатиот трансфер новинар Фабрицио Романо, клубот од „Енфилд“ ги интензивира преговорите со Баер Леверкузен за холандскиот репрезентативец Џереми Фримпонг (24). Тој има откупна клаузула во договорот со германскиот шампион во висина од 35 милиони евра, а Ливерпул веќе разговара за моделот на исплата. Во исто време, се водат преговори и со самиот играч, кој изразил желба да го облече црвениот дрес.
Иако настапува за Холандија, Фримпонг е израснат во Англија, каде помина девет години во младинската академија на Манчестер Сити. Професионалната кариера ја започна во шкотскиот Селтик, а од 2021 година е дел од Баер Леверкузен, каде минатата сезона одигра клучна улога во освојувањето на историската титула во Бундеслигата.
Фримпонг е познат по својот офанзивен стил на игра. Најчесто настапува како крилен бек, но се снаоѓа и како класичен десен бек или крило. Во 190 натпревари за Леверкузен постигнал 30 голови и забележал 44 асистенции. Оваа сезона веќе има пет голови и 12 асистенции на 48 натпревари. Неговата вредност е проценета на 50 милиони евра.