
Аморим уверен: Имам план како да го направам Јунајтед - повторно голем!
Тренерот на „црвените ѓаволи“ откри дека веќе има конкретен план како да ја трансформира екипата и да ја врати на ниво што ѝ доликува.
„Имам јасна визија за тоа што му е потребно на овој клуб за повторно да биде голем. Тоа сознание ми помага да останам стабилен – да не се разочарам премногу во тешки моменти, но и да не се занесувам кога нештата изгледаат подобро“, изјави Португалецот.
Јунајтед обезбеди пласман во финалето на Лига Европа, но резултатите во Премиер лигата се под секое ниво. Последниот пораз од Вест Хем, кој го остави тимот на 16. место, предизвика нов бран на незадоволство, а самиот Аморим го нарече настапот „срамен“ и „неприфатлив“.
„Нешто суштински не функционира во начинот на кој играме. Не се работи само за тактика. Се работи за ставот, за борбеноста, за тоа дали сме подготвени да се жртвуваме за еден сантиметар на теренот“, дополни менаџерот на „ѓаволите“.
Сепак, Аморим вели дека се чувствува подготвен да ја преземе одговорноста и повторно да го изгради Јунајтед како клуб што влева стравопочит.
„Разговарам постојано со раководството. Свесен сум за тежината на предизвикот, но и за потенцијалот што го има овој клуб“, нагласи тој.
На крајот, Португалецот испрати и силна порака.
„Манчестер Јунајтед не смее да се помири со просечноста. Овој клуб има длабоко вкоренет идентитет и време е повторно да се разбуди“, заврши Аморим.
ФОТО: EPA PHOTO