Од +16, до катастрофа за Ц. Звезда против Панатинаикос во Атина!

Црвена звезда испушти огромна шанса да запише нова победа во кошаркарската Евролига и, барем, теоретски да ги остави во игра надежите за пласман меѓу првите осум екипи, со тоа и во плејофот. На гостувањето кај Панатинаикос во Атина, загуби со 66-75, иако добар дел од натпреварот имаше и двоцифрено водство.

Белграѓани почнаа одлично, добивајќи ги првите две четвртини, па на големиот одмор имаа разлика од 13 коша, 42-29. Сепак, во третиот период настапи деконцентрација во редовите на црвено-белите, почнаа да грешат, Панатинаикос направи серија од 15-1, а во завршниот квартал ја продолжи до неверојатни 22-2, не само за да направи пресврт, туку и да поведе со комотна разлика. Папајанис беше најефикасен, со 17 поени, Вилијамс го следеше со 13, а кај Звезда, Недовиќ броеше до 12.

Претходно, Фенербахче го крена на нозе Истанбул со триумфот над Барселона со 81-73, на сличен начин, откако губеше и со 17 разлика, на почетокот на мечот. Барса отвори фантастично, со 30-18 во првата четвртина, но потоа нагло падна во офанзивата. Постигна само 10 поени во вториот период, во третиот Фенер веќе го презеде водството, а искустните домашни кошаркари не дозволија да го испуштат во финишот. Мотли со 16 и Гудуриќ со 15 поени беа најефикасни во таборот на Фенербахче, додека Миротиќ со 19 поени беше прв стрелец на Барселона. Ова беше втор пораз по ред за Каталонците, откако минатото коло по слично сценарио загубија и од Олимпијакос.

Актуелниот европски првак, Анадолу Ефес, пред својата публика голтна горка кнедла во дуелот со Макаби, губејќи убедливо, со 64-86. Гостите од Израел прикажаа маестрално шутерско шоу, најавувајќи го со 33 поени само во првата четвртина. До крајот комплетираа 15 тројки, со 43-процентна успешнос, а најмногу се истакна Болдвин со 23 поени.

Макаби е а осмото место, последно кое води во плејофот, со биланс 15-13, додека бранителот на европскиот трон е десетти, со 13 победи и 14 порази. Фенербахче дојде до 17-10, веднаш зад третопласираната Барселона, која има еден натпревар и една победа повеќе. Звезда веќе нема реални шанси за плејофот, па со 12-16 е 13-та, додека Панатинаикос е и математички отпишан, со девет победи и 19 порази, на 16. позиција.