Скалони притиска Аргентина да грабне талент роден во – Бразил!

Аргентинскиот селектор Лионел Скалони кој ги водеше „гаучосите“ до светската титула во Катар во декември лани, ја притиска федерацијата (АФА) и властите во државата во најкус можен рок да грабнат голем талент роден во Бразил, а кој моментно живее во Англија.

Станува збор за 16-годишниот Фелипињо кој игра во англиски Престон, а во минатата година се најде во фокусот откако даде пет гола против Ротерам во младинскиот ФА-Куп и најтрофејниот премиерлигаш Манчестер јунајтед ептен се загреа да го ангажира.

Фелипе Родригез Џентиле е роден во Бразил, но неговите родители се од Аргентина, а на три години се преселил во Англија и практично сите фудбалски чекори ги направил на Островот, па сега може да бира за која селекција сака да настапува, за таа на неговите родители, за земјата во која е роден, или за земјата каде е израснат зашто Англичаните лесно ќе му извадат пасош.

Затоа и Скалони со својата десна рака Пабло Аимар сега се обидуваат на секој начин да го грабнат младиот талент и да го надополнат списокот на низа многу талентирани млади фудбалери од веќе профилираните Енцо Фернандез и Хулијан Алварез кои освоија светска титула и тие што веќе чукаат на портата на сениорскиот тим, Нико Паз од Реал Мадрид, Алехандро Гарначо од Манчестер јунајтед, Максимо Пероне, кој неодамна потпиша за Манчестер сити.