Пандев од Њујорк: Многумина не веруваа во проектот, но успеавме!
Пандев од центарот на финансиската моќ со партнерите Брера од вчера го почнуваат проектот во кој прва цел е купопродажбата на Академија Пандев, а потоа и на клубови од Мозамбик, Гана, Аргентина и една комплетна реконструкција од лето, почеток на една приказна која треба да биде и вистински фудбалски бизнис.
„Многу луѓе не веруваа во овој проект. Ама, на крај јас сум среќен што во Македонија ќе инвестираат Американци и Италијанци. Акциите ги продадоа на берза и сега ќе почнат да купуваат клубови. Прв е Академија Пандев, па се надеваме дека ќе избориме опстанок и од следната сезона ќе направиме тим кој ќе игра главна улога во македонското првенство“, вели за Спорт1, Пандев од Њујорк.
Калчолигашката икона, која лани стави крај на величенствената кариера, со партнерите од Брера, официјално присуствуваше на пуштањето во промет на акциите, кои имаа раст уште на првиот ден од појавата на берзата Насдак
„Првпат сум на ваков настан, навистина сум позитивно изненаден и возбуден што нашиот клуб беше претставен на њујоршката берза. Имаат луѓето идеи и проект и се надеваме дека ќе ја видиме Академија Пандев за некоја година во групите на Конференциската лига. Јас направив сѐ за овој проект да се оствари, сега тие (на газдите од Брера – н.з.) ќе треба да се докажат дека клубот може да го претстават на големи врати во Европа, а тоа е место во групната фаза во Европа и атак на титулата во Македонија“, додава Пандев.
Струмица треба да биде центарот на проектот зашто европскиот фудбалски пазар е најголем и најмоќен за промоција на фудбалери, чија продажба треба да го направи многу исплатлив комплетниот фудбалски проект со инвестициите на „Брера Холдинг“ низ светот и создавање на една мрежа на клубови низ која најголемите таленти преку струмичкиот прволигаш потоа би се пласирале во клубови на Стариот континент.