Без капетан на бродот - толку е!
Првпат ми се случува да не знам што да кажам, да немам некоја посебна инспирација за анализа, за колумна. Тоа е благодарение на сето она што се случува на Светското првенство во Полска. И тука не мислам само на резултатите, туку и на сите оние работи кои јас како спортист ги гледам, а можеби јавноста не ги гледа затоа што едноставно тоа не е во нејзината зона на интерес.
Тунис... еден ваков Тунис кој во последните години не бил послаб ниту на тактичко-технички план ниту квалитативно, да не успееме да го добиеме, може да се рамни со катастрофа и да биде само уште еден продолжеток на „слободниот пад“ што го има „пријателот“. Единствено жал ми е за оние деца што се доведени во таа ситуација и што без разлика на сѐ, синоќа покажаа карактер и желба за победа.
Без капетан на брод, а во спортот тоа е селекторот, се разбира дека не можете многу. Без „наредби“ како да играте, каде да нападнете, како да се браните... кога да успорите, а кога да убрзате, логично е дека правецот на бродот ќе биде кон дното, ако веќе и не сме стигнати до таму. А „капетанот“ изгледаше како сите „бродови“ да му потонале. Не е тоа оној Лазаров кој го знаеме... сигурен од, стабилен поглед, во секоја секунда знаеше што прави на теренот, капитен и лидер. Еден од најдобрите во историјата на ракометот! Тоа време заврши. Сегашниот „капетан“ е некако блед, без јасен говор на телото дека ја контролира ситуацијата, со изгубен поглед. Одвреме-навреме ќе се развика на некој, но јасно е дека тоа е повеќе од немоќ. Жално, многу жално македонска легендо. Не велат за џабе дека не секој врвен играч може да биде и добар тренер, веројатно ние самите почувствувавме на своја кожа најдобро.
Некако сето ова што го пишав ми дава чувство и се поврзувам со онаа поговорка „не кревај рака на мртов Германец“, но во спортот СЕКОГАШ мора да сте искрени и чесни за да не се случуваат вакви спортски и резултатски неуспеси.
Ќе има обид, сигурен сум дека ќе биде неуспешен, целиот неуспех да им се препише на играчите, во случајов постарите. И тоа ќе биде најголемата грешка затоа што тоа се играчите кои треба да нѐ водат... а верувајте дека можат многу подобро, СИГУРЕН СУМ. Само да имате „капетан“ кој наместо да чита навечер во соба кој што изјавил и да нема буквално никаков однос со 90 проценти од играчите - да биде човек кој ќе биде пријател, ќе разговара, ќе се договара, ќе нема его и комплекси и нормално, ќе има квалитет да води!
Затоа Македонијо... не очајувај. Можеме многу подобро! А дотогаш да им помогнеме на играчите да соберат сили да го завршат ова Светско првенство со победи затоа што имаат квалитет за тоа.
Секогаш искрен и во интерес на ракометот и спортот!