Холандија не се ни квалификува за ова СП, ИХФ ѝ подари учество!

Колку и да го воодушевија Стариот континент, со одличните настапи на минатогодишното Европско првенство, Холанѓаните не успеаја по редовен пат да се пласираат на тековново Светско, во Полска и во Шведска. Меѓутоа еве ги во Краков и вечерва (18 ч.) ќе се судрат со Македонија.

Можеби малку подзаборавивме дека до пред седум месеци, Холандија не беше дел од екипите кои планираа патување во Полска или во Шведска, овој јануари. По одлично одиграното ЕП и пласманот на 10. место, судбината не ја посака и ѝ ја додели Португалија, еден од потешките можни противници во баражот за СП. 

Се чинеше дка работата е завршена, кога на 14 април „лалињата“ славеа во Портимао, со 33-30, меѓутоа ги снајде шок три дена подоцна, во Ајндховен, загубија со 28-35. Елиминацијата беше главен повод за селекторот Ричардсон подоцна да поднесе оставка.

Меѓутоа како и на минатите Светски првенства, Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) и овој пат имаше две „вајлд-карти“ во ракавот. Едната, по прописите, треба да биде резервирана за претставникот на Океанија, ако тој покаже особен успех и се пласира, барем, на петто место во квалификации, но бидејќи Австралија беше дури 16-та на шампионатот на Азија, остана и втора вајлд-карта слободна за доделување. Изборот на ИХФ падна на Словенија и на Холандија.

„Холандија е еден од тимовите во подем, кој има неверојатно подобрување во минатите неколку години, потврдувајќи го тоа со 10. место на ЕП 2022“, пишува во објаснувањето на ИХФ.

Потоа и двете со Словенија беа сместени во четвртиот, најслаб шешир, а Македонија имаше среќа да ја добие во својата група.

И навистина има неверојатен подем, бидејќи немаше учество на ЕП воопшто до 2020 година, а на СП само едно, во далечната 1961. Победата над Аргентина во првото коло овде во Краков (29-19), всушност беше нивна прва на Мундијалите.