„Посакувам финале Србија - Хрватска и триумф на 'коцкестите'“!
За првпат во историја едно Светско првенство се игра во зимски термин и во Катар условите се поинакви, па предуслов за успешен турнир за селекциите е кој подобро ќе се аклиматизира, а тоа е многу важен момент, зашто станува збор за долг турнир. Сето ова посебно за селекциите кои ќе играат до самиот крај.
Ваквото СП, од една страна им овозможува на селекторите да ги имаат своите фудбалери во натпреварувачка форма, но опасноста е голема од можните повреди кои веќе се случуваат, а нема доволно време за рехабилитација. Втората работа која ќе влијае се условите на самиот турнир, па селекциите што имаат поголем фонд на фудбалери полесно ќе го пребродат, за разлика од тие што немаат толкав фонд на фудбалери и тоа ќе биде хендикеп, посебно ако главните играчи им се повредат.
Од ковид-19 наваму навистина фудбалерите имаат премногу мечеви и голема е опасноста за повреди, што значи дека медицинските тимови и стручниот штаб ги чека тешка задача, за да се задржи свежината кај фудбалерите. Светско првенство не се игра секој ден и секој меч е најважен, што значи мора да посегнеш по најдоброто. Во предност секогаш се селекциите кои имаат поголем ростер.
Кога зборуваме за Светско првенство, повеќе селекции се меѓу фаворитите. Пред сè, Бразил, Аргентина, па Франција која е актуелен светски првак, но гледаме дека се соочува со големи проблеми во играчкиот кадар. Секако, тука се европски селекции кои секогаш се во кругот на фаворити како Германија, Шпанија, би ја посочил и Белгија, која во последниве години игра одлично, има одличен тим, а не смее да се заборави ни Хрватска, зашто во Катар доаѓа како светски вицепрвак, со одличен тим и резултати кои ги има во континуитет, после одлична Лига на нации која ја одиграа (обезбедија фајнлфор за трофејот во јуни догодина н.з.).
Моја желба е Хрватска да биде светски првак. Србија, пак, е тим кој може да биде многу пријатно изненадување, прво зашто имаат одличен тим, а второ имаат една легенда на клупата во Драган Стојковиќ – Пикси, кој знае посебно да го измотивира тимот, што веќе го видовме. И навистина Србија може да биде пријатно изненадување, да стигне далеку. Би сакал финале Србија – Хрватска.
Тука во Хрватска владее вистинска еуфорија, нема шопинг мол, ресторан, кафуле каде што не се зборува за Светското првенство, за националниот тим. Хрватите со нетрпение го чекаат почетокот, навистина е еуфорично, сите се сплотени, едноставно националниот тим ја има сета поддршка од сите, од јавноста, од медиумите... Знаат Хрватите како да ја искажат љубовта кон својата земја, кој својата репрезентација. Прекрасна е оваа мундијалска атмосфера.
Хрватска ги има сите предуслови да стигнат далеку, реков желба ми е да станат светски прваци, иако на Мундијалот има многу квалитетни селекции. Сите имаат подеднаки шанси и многу фактори ќе влијаат на турнирот.
Бразил има убедливо нај-најквалитетен тим според индивидуалците, но допрва ќе видиме како тоа ќе изгледа како тим. Во Русија тоа што го направи селекторот Тите не изгледаше баш нај-нај, ќе видиме како ќе биде сега во Катар. Аргентина од друга страна конечно има вистински селектор во Лионел Скалони, лани ја освоија Копа Америја. Најважното е што Скалони знае како Меси да го искористи за тимот, а и тимот да го стави во комплетна функција на Меси. И тоа одлично го прави. Мислам дека Аргентина има огромна шанса на ова СП.
Јас никогаш не би ја отпишал Германија со Ханси Флик. Никогаш не смее да се потценат. Се сеќаваме што направија во Бразил, колку беа физички супериорни, Бразил го распарчија со 7-1 и главен акцент тука има медицинскиот тим за максимално да ги спремат фудбалерите на условите. Тој нивен начин на работа, таа брза аклиматизација, физичката спремност може да се пресудни. Условите во Катар ќе бидат исти како во Бразил, така да сите селекции имаат свои лекари, нутриционисти, кои до најситен детал ќе се грижат за фудбалерите максимално да се аклиматизираат на условите и очекувам сите да бидат подготвени. Сега и медицината напредува. Затоа ја посочив Германија која многу внимание посветува на вакви фактори, Јужноамериканците кои имаат слична клима (топло време со голема влажност)...
За африканските селекции мислам дека како и досега најголем дострел ќе им биде четвртфинале. Повеќе од тоа не можат, немаат квалитет за повеќе. Еве видете го Сенегал. Тие со Садио Мане се една селекција, а без него сега може и прашање е дали и групата ќе ја поминат.
На ова Светско првенство, секој селектор на некој начин ќе проба да изненади со нешто, но тоа не би биле некои изненадувања во голема мера. Зашто тоа што секоја селекција и секој селектор го практикувал да игра во иста формација ќе остане, може да има некои ситни изненадувања за противникот. Во денешно време кога аналитиката е до најситен детал, се знае сè за секој фудбалер поединечно, секој ривал може да направи против-игра. Најважно на СП ќе биде селекцијата да делува како тим. Не зборувам само за тим кој ќе истрча со првите 11, туку цел тим од фудбалери, лекарски тим, стручен штаб, јавност, медиуми... Таа сплотеност, хемија која ќе се создаде, енергија, со квалитетот на највисоко ниво, тоа ќе биде предуслов за успех.
Гледано тактички не очекувам исто така некои промени, тие селектори што играат пресинг ќе продолжат, тие што форсираат посед на топка истото ќе го прават. Можеби во групната фаза ако веќе е обезбеден пласман, би имало некоја ротација на фудбалери, ама кога ќе дојдат елиминациите, тука нема право на грешка и секој селектор ќе посегне по најдоброто што го има.