Азиски милијардер: Мирко Кро Kап е луд, ме натера да тренирам три часа!

Мирко Филиповиќ, популарно наречен Кро Кап, има 48 години, но засекогаш ќе остане маркантна личност во ММА спортот. Доказ за тоа е последното интервју на Шатри Ситјодтонг, 51-годишен милијардер од Тајланд, кој е прв човек на азискиот пандан на УФЦ, „ОНЕ чемпионшип“.

Тој престојувал во Загреб неколку дена, со цел да го промовира Роберт Солдиќ, нов хрватски ММА-борец, кој потпишал за неговата организација. Попатно, не пропуштил шанса да се сретне со Мирко Кро Кап, дури и да му биде гостин.

Шатри и самиот е инструктор по боречки вештини и не му е непознат тој стил на живење и функционирање, меѓутоа, кога видел што прави и како се однесува Мирко - се вџашил.

„Бев во Загреб, а Мирко не викна во својата куќа. Тоа беше нестварен момент. Јас бев фан на Мирко, а тој нè викна дома. Можам да кажам дека тој е лудак. Тренира секој ден и тоа по три-четири часа. Нè одведе во подрумот, во својата сала за вежбање. Јас очекував дека ќе одиме да потренираме пола час, а тој ме натера да тренирам околу три часа“, се пожали Шатри, во интервјуто со Ариел Хелвани, најпознатиот светски ММА-новинар.

Мирко Филиповиќ е единствениот борец, кој ги освоил К-1, Прајд и РИЗИН гран-при шампионатите, еден од двајца кои освоиле светска титула и во ММА и во Кикбокс и единствениот ММА-борец, кој победил на три светски гран-при шампионати.