„Првпат по 30 години и 'газењето' на Германија сум во Скопје – не го препознав градот!

Без разлика што Жељко Обрадовиќ дефинитивно е најзвучното име во тимот на Партизан, кој попладнево ќе ги одмери силите со МЗТ Скопје во склоп на 2. коло од АБА-лигата, ништо помалку значаен во кошаркарска смисла не е ниту спортскиот директор на црно-белите, Зоран Савиќ.

Станува збор за поранешна легенда на Југопластика, каде што играше заедно со Петар Наумоски, а кој во кариерата настапуваше уште и за шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид. Зад него со три европски титули (1990, 1991 и 1998 година) и многу фантастични натпревари во дресот на поранешна СФР Југославија. Еден од нив е и пред 32 години во Скопје, кога тогашната заедничка држава ја прегази Германија (120-87) во салата „Градски парк, со вистински дрим-тим на паркетот во кој беше и Обрадовиќ, сегашниот предводник на Партизан.

Токму со разговорот за овој натпревар го почнавме кусото кафе-дружење со Савиќ, пред заедничкиот ручек на црно-белите и тоа во необично време (11 часот) со оглед на уште поневообичаениот термин за натпреварот против МЗТ (16 часот).

„Баш пред доаѓањето во Скопје размислував за оваа средба. Тоа е последен пат кога бев во Македонија, каде што како играч имам одиграно неколку одлични средби. Сега не го ни препознав градот, како да бев на некое друго место. Прошетав и до салата каде што играв со Југославија, баш сакам да влезам да ја видам, ама штета беше затворена. Тоа беа некои убави времиња, се сеќавам дека трибините беа преполни и дека луѓе буквално висеа од кровот на 'Градски парк'. Тоа беа квалификации за ЕП 1991 каде што станавме европски шампиони. Имавме вистински дримтим“, се потсети Савиќ на времињата од пред три децении.

Партизан во Скопје доаѓа како огромен фаворит, а во пресрет на денешниот меч воопшто нема да тренира, што не е од некое потценување на македонскиот првак туку поради желбата да се релаксираат играчите поради напорниот ритам со играње во Евролигата и во АБА.

„Во Македонија пристигнавме вчера попладне, а пред да тргнеме истрениравме убаво во Белград. Поради тоа тренерот реши воопшто да не тренираме во Скопје. Дефинитивно не го потценуваме ривалот, кој сигурно има свои сметки пред овој натпревар. Очекувам голема борба во прекрасна атмосфера и нашите кошаркари сигурно дека ќе мора да дадат се од себе за да ја остварат посакуваната цел, а тоа е победа“, дополнува Савиќ.

Спортскиот директор на црно-белиот гигант ни ги објаснуваше проблемите со младите кошаркари во Србија, кои се помалку се решаваат да останат во државата за што бараат многу пари, иако се далеку од потребниот квалитет за големите натпреварувања. Савиќ ни се пожали и на проблемите со календарот со кој се соочува неговиот тим.

„Во еден месец имаме пет гостувања по ред и тоа против екипи како Панатинаикос, Олимпијакос, Реал Мадрид и Црвена Звезда, со скусен ростер поради повреди. Ќе се обидеме да го преживееме овој тежок период со најдобар можен резултат. Дали ќе успееме во тоа, ќе видиме“, објасни легендарниот крилен центар од крајот на минатиот век.

Времето во разговор со голема легенда брзо минува, па така дојде времето за ручек со останатиот дел од екипата, на кој како спортски директор треба да биде прв. Савиќ се извини што мораше да го напушти разговорот, со напомена дека се надева дека МЗТ ќе продолжи да се натпреварува во АБА што ќе му овозможи повторно да дојде во Скопје.

„Се надевам дека тогаш нема да бидеме во вакви брзање и ќе имам време да ги видам сите промени во градот, кој отсекогаш ми бил драг за посетување. Верувам дека нема да се случи нов период од повеќе од три децении за повторно да дојдам во Македонија“, ни дофрли на заминување спортскиот директор на Партизан.