Во Србија откриле нов инсект, па го именувале по - Новак Ѓоковиќ! (ФОТО)

Да се биде спортист од највисока светска класа значи и прифаќање почит и љубов од јавноста, макар таа е изразена на ексцентричен начин. Такво нешто му се случи на еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Новак Ѓоковиќ.

Во Србија именувале инсект по Ѓоковиќ, со цел да му оддадат почит за целата промоција за својата земја којашто ја има направено низ својата кариера. Станува збор за нов вид на инсект, откриен во западна Србија, кој го нарекле „Duvalius djokovici“, што во превод би значело Дувалиус на Ѓоковиќ (дувалиус е подвид на бумбар).

„Новак Ѓоковиќ, повеќе од 15 години тој човек ја прави среќна цела нација, нè прави горди и за тоа време на сите ни стана како член од семејството. Тој не е само врвен амбасадор на Србија во светот, туку и најдобар тенисер на сите времиња и еден од најдоминантните атлети на сите времиња. Ја имам таа чест и задоволство да објавам откритие на нова врста инсект од западна Србија, која досега не беше позната на науката. Во прашање е специјализиран, слеп, подземен тврдокрилец од семејството бумбари, пронајден во една јама во близина на Љубовија. Научниот труд со опис на новата врста е неодамна објавен во истакнатиот Магазин 'Annales Zoologici Fennici'“, велат кумовите и пронаоѓачи на новиот инсект.

Колку и да е несекојдневно и необично, ова не е прв случај инсект да добие име по тенисер/ка. Минатата година Симона Халеп беше овековечена во некој род пронајден близу нејзиниот роден град во Романија.