„Успехот на националниот тим значи и успех на цела Македонија!

Стартот на подготовките на македонската кошаркарска репрезентација за мечевите од квалификациите за ЕП 2021 го означи спортскиот директор на КФМ и легенда на макбаскетот, Тород Гечевски, кој потенцира дека очекува враќање на старата кошаркарска слава од времето кога тој играше за националниот тим.

„Конечно дојде и најважниот настан од нашето доаѓање во федерацијата. Направивме сѐ да обезбедиме најдобри можни услови, од кои кошаркарите и тренерите ќе бидат задоволни. Успехот на репрезентацијата е успех на цела Македонија и ќе сториме сѐ за да го вратиме националниот тим каде што беше. Повеќе сме фокусирани на мечот со Естонија и како прв и поради фактот што сметаме дека сме нешто посилни од нив и дека ќе може да почнеме со победа. Подмладувањето на репрезентацијата е и причина поради која го одложивме Купот за да имаат повеќе време за тренирање и запознавање“, изјави Гечевски.

Купот на Македонија според календарот требаше да почне денеска, но преќутно беше пролонгиран за термин кој дополнително ќе биде одреден.