Тодоров прогнозира: Македонија ќе игра на ЕП 2025 и нема да биде – аутсајдер!

Кошаркарската репрезентација на Македонија нема да игра на ЕП 2022 во Германија, Италија, Чешка и Грузија, откако ги заврши квалификциитекако последна на табелата , со две победи и полоша кош-разлика во меѓусебните дуели со Естонија, која имаше ист учинок.

Клучен за неуспехот се покажа првиот натпревар од циклусот, лани во февруари, кога во салата „Борис Трајковски“, со публика на трибините, убедливо загубивме во директната пресметка со најголемиот ривал.

„Ако ги анализираме шестте натпревари од овие квалификации, можам да кажам дека има два спротивставени моменти: едниот разочарувањето поради необезбедувањето пласман на ЕП и вториот, огромното задоволство дека бев дел од нешто ново што се создава и што ќе трае во наредните 10-15 години. Имаме два порази во израмнети, до последните минути, средби со Русија и Италија. Имаме еден крајно лош натпревар со Русија, ама имаме и две победи и едно катастрофално лошо полувреме во Скопје во првиот натпревар во овој циклус против Естонија, кое нè остави да го гледаме следното ЕП дома“, бели селекторот Александар Тодоров.

Пред турнирот во Перм беше највено своевидно подмладување на националниот тим, кој овој пат беше само на хартија, но кое е неизбежно во периодот кој следува. Според предводникот од клупата, иднината е светла, а Македонија сигурно ќе игра на ЕП 2025.

„Кога за првпат ја добив понудата за селектор, ми требаше речиси еден месец да одлучам дали сакам да се впуштам во една нова авантура, посебно што првичниот впечаток и мој и на луѓето со кои разговарав, беше дека речиси се минимални шанси за макар и една победа. Сепак, од денешен агол, ако повторно е ноември 2019 година и ја добијам истата таа понуда, сигурен сум дека пак би ја прифатил, бидејќи навистина ми беше задоволство да работам со оваа група на играчи, независно од крајниот резултат Запознав десетина млади играчи, кои не само што не ги имав тренирано, туку воопшто не ги ни познавав и сигурен сум дека со нив, но 3-4 години постари, веќе во 2025 година Македонија ќе биде дел од Евробаскетот и тоа не само во улога на аутсајдер“, храбро прогнозира Тодоров.

„Изборникот“ жали што на располагање на последниот квалификациски турнир на располагање немал неколку повредени кошаркари, како и играчи кои не добиле дозвола од клубовите.

„Навистина жалам што го загубивме Андреј Јакимовски за овој циклус, сигурен сум дека тука во Перм ќе можеше да ни помогне по 15-20 минути на натпревар. Ни недостасуваа и Маслинко и Симоновски, кои ќе ни дадеа поголема ротација во овој луд циклус на четири средби во пет дена. Сите 15 играчи кои беа тука, го дадоа својот максимум. Ниту еден од нив не беше принуден да игра за репрезентација под закана од казни и санкции. А, знаете дека четворица од нив одлежаа 14 дена карантин во Естонија, само заради желбата да играат за националниот дрес. И тоа се тие нешта што ме прават да сум горд што бев нивен тренер“ – завршува предводникот на Македонија.

Следен предизвик на жолто-црвените е настапот во втората фаза од претквалификациите за СП 2023, кои почнуваат годинава во август. Таму ќе настапат 12 селекции, поделени во четири крупи со по три екипи, од кои најдобрите две ќе продолжат во квалификациите за следниот Мундобаскет.