Тодоров останува оптимист: Целта е иста, во Талин одиме да - победуваме!

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва ги почна подготовките за ноемврискиот циклус натпревари од квалификациите за ЕП 2022, во кои ќе ги одмери силите против Италија (28 ноември) и Естонија (30 ноември) и тоа во принудно променет состав во однос на првите две средби во февруари, кои ги загубивме (Естонија дома и Русија на гости).

Жолто-црвените в понеделник патуваат за Талин, домаќинот на овој турнирски „балон“, што дополнително го прави нашиот директен противник за место на континенталниот собир за уште поголем фаворит. Но, сето ова заедно со проблемите со составот, по откажувањата на Стојан Ѓуроски (Ковид-19), Кирил Николовски (лична одлука), Бојан Крстевски и Андреј Маслинко (повреди), не го намалува оптимизмот кај селекторот Александар Тодоров.

„Во Европа секој игра кошарка, нема слаби селекции и во која група и да се падневме секој натпревар ќе беше тежок. Естонија ја има предноста на домашен терен, но ние веднаш по оној прв пораз во Скопје рековме дека наша цел е да одиме во Талин за да победиме, тоа воопшто не е променето. И тие имаат свои проблеми, еднакво големи како нас. Во понеделник кога ќе допатуваме таму, кога ќе почнеме со тренинзи, ќе говориме поконкретно, зашто тоа е нашиот втор меч. Претходно играме со Италија, која исто така има проблеми и не знаеме со кои 12 ќе дојдат во Естонија. Кога ќе влеземе во тој 'балон' во Талин, секоја селекција ќе ги открие картите, па ќе ги дознаеме адутите и ќе може да планираме нешто повеќе како тактика и скаутинг за противниците. Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин“, изјави Тодоров.

Селекторот даде свое мислење и за одлуката на ФИБА да се игра овој квалификациски циклус, кој се совпаѓа со вториот бран од пандемијата со коронавирусот.

„Амбиција за успех секогаш постои, бидејќи ова е репрезентација, која игра циклус од шест натпревари, во кои нема време за тактизирање. Тоа што нам ни се случува во моментов со откажувањата, убеден сум дека им се случува на сите репрезентации во Европа, така што единствено нешто што е сигурно е - несигурноста. Тешка ситуација за планирање, бидејќи дури и тие играчи кои повторно ќе бидат негативни во Скопје, не е сигурно дека ќе играат во Талин бидејќи таму има уште едно тестирање“, вели Тодоров.

Кошаркарите до недела ќе тренираат во Скопје, а веќе в понеделник ќе тргнат кон Талин каде што ќе тренираат до натпреварите против Италија и Естонија.